Untitled Document
Untitled Document
 English
Untitled Document
 Историјат ::
 Други спонзори ::
    Белграѓани да паднат во „Јасмин“ 04.03.2010
  
     

Македонскиот претставник во Балканската кошаркарска лига, Фени индустри од Кавадарци, денеска дома (18 ч) против ОКК Београд ќе бие одлучувачка битка за пласман во својата група. Пол-позицијата во групата засега ја држи екипата на Левски, која има подобра кош-разлика од Фени, а вечерва на домашен терен ќе игра со романска Стеауа. Кошаркарите на Фени ќе се обидат да дојдат до втората позиција, која носи предност на домашниот терен во четвртфиналните дуели.

За тоа ќе им треба победа против ОКК Београд. На Србите за пласман на второто место на табелата им треба висока победа во Кавадарци. Домашниот терен главно е огромна предност, а тоа добро го знае тренерот на Фени, Емил Рајковиќ, кој е оптимистички расположен.

- Левски ја чува првата позиција на табелата и има многу подобра кош-разлика од нас. Ако сакаме добра стартна позиција во пресрет на четврт-финалето, едноставно мора да го совладаме ОКК Београд. Мене особено ме радува победничката серија во која сме влезени и одличните игри што ги прикажуваме во последно време. Поштедив неколку клучни кошаркари на натпреварот со Романците, сакајќи да ги одморам за дуелот со Србите - вели Рајковиќ.

Екипата на ОКК Београд е незгоден противник и мора да се внимава да не влезе во серија и да создаде предност, која би требало да се брка, смета тренерот.

- Победата против белграѓани за нас ќе претставува предност на домашниот терен за четвртфиналните дуели, каде што најверојатно ќе имаме бугарски противник (Черно Море или Рилски). Свесен сум дека одбраната во последно време е клучен фактор во нашата игра и затоа мислам дека токму таа ќе го реши победникот. Ако одиграме тимски, во што не се сомневам, победата нема да ја испуштиме - ни изјави Рајковиќ.

И капитенот Горан Самарџиев го дели мислењето на својот тренер.

- Белграѓани ни се стари должници, бидејќи во првиот дел на нивни терен загубивме несреќно и минимално. Посакуваме реванш, кој би не' довел во поволна позиција во пресрет на четврт-финалето. Играта на ОКК Београд добро ја простудиравме и точно ги знаеме сите нивни мани и квалитети. Очекувам играта под обрачите да биде клучна за конечниот резултат, бидејќи секогаш кога сме го натскокале противникот сме забележувале и победа - вели Самарџиев.Тој се надева дека ќе проработи и шутот од дистанца кај кавадарчани, но притоа мора да се внимава да не се трошат многу топки и да не се шутира по секоја цена од далечина од неизградени позиции. На тој начин би му се отворил простор на противникот за изненадување.

- Очекувам максимална поддршка од трибините, бидејќи ова не е успех само на ТК Фени индустри туку и на целиот град, а најмногу на оние што ќе дојдат во салата „Јасмин“ и со кои накрај, се надевам, заедно ќе ја прославиме новата победа - рече Горан Самарџиев.

Кавадарчани без милост со Стеауа

Кошаркарите на Фени индустри забележаа лесна и убедлива победа против романска Стеауа со резултат 93-73 (24-19, 26-22, 27-12, 16-20), во меч од 8. коло на Балканската кошаркарска лига, завчера. Домаќинот во Кавадарци очекуваше посилен отпор, но Романците паднаа кондициски и не можеа да се спротивстават. Расположението во редовите на кавадарчани го крена и присуството на повредениот Марјан Ѓуров, кој се појави со патерици во салата „Јасмин“ за да им даде поддршка на своите колеги. Првиот период од натпреварот помина во знакот на меѓусебно респектирање, но и на многу грешки од двете страни. Кај кавадарчани не фати шутот од дистанца, па нападите ги завршуваа преку центрите. Токму затоа во првото полувреме клучна улога во играта на Фени одиграа Кнежевиќ, Трајковски, Јововиќ и Михајловски. Во овој период свој придонес имаше и капитенот Самарџиев, кој во моментите кога Романците се приближуваа со серија тројки, ја враќаше предноста кај Фени.

Во третата четвртина Фени го направи клучниот притисок и ја качи разликата над 20, добивајќи го овој период со 27-12. Во третата четвртина проработе Американецот Лајф, кој во тој период постигна 12 од вкупно 16 поени. До крајот на средбата Фени рутински ја чуваше разликата, меѓутоа и ги штедеше силите за претстојниот натпревар со ОКК Београд.

Како што ни изјави тренерот на гостите Чизмиќ, Романците потфрлиле на кондициско поле, а тоа доаѓа како последица од начинот на кој се игра во романската лига, каде што мечеви има секој трет ден. Згора на тоа и нивниот најдобар играч, Американецот Монти Мек, играше болен и под седативи. Но овие податоци воопшто не ја намалуваат надмоќта на екипата на Фени.

(Извор: www.dnevnik.com.mk)

 

Назад

UPM Design ©2007