
Вториот дел од сезоната кошаркарите на Фени Индустри се „растргнати“ на три фронта, надевајќи се дека ќе биде успешен, на домашен и меѓународен план. Како ќе се ближат клучните средби, така атмосферата во клубот и во градот Кавадарци ќе се зголемува. Ќе се обидат да дојдат што подалеку во првенството, Купот на Македонија и БИБЛ лигата.
Во првенството, за Фени сите сметаат дека местото во финалето им е речиси загарантирано, пласманот на фајнал-форот во купот веќе е обезбеден, а и во Балканската лига се веќе меѓу осумте најдобри.
- Точно е дека сите не' гледаат како фаворити во сите натпреварувања. Ние со тоа не се оптоваруваме. Што се однесува до БИБЛ, за противник во четврт-финалето ја посакувам екипата на Рилски спортист. Сметам дека до фајнал-форот се' може да се случи, а понатаму се' ќе зависи од тоа кој ќе биде домаќин на ова натпреварување бидејќи домашниот терен ќе биде голема предност. Спортски е да се надеваме дека и ние можеме да бидеме домаќини - ни изјави Рајковиќ.
До крајот на регуларната сезона во БИБЛ, кавадарчани треба да одиграат уште два меча дома, утре против Стеауа и в четврток против ОКК Београд. Со две победи, тимот ќе биде прв или втор на табелата во групата што значи дека реваншот од четврт-финалето ќе го играат на домашен терен.
- Кошарката е спорт број еден во градот зошто навивачите знаат да го ценат професионализмот на еден спортски колектив. Местото на табелата на нашиот клуб ни го носи приматот кај колективните спортови. Ќе дадеме максимум на теренот во сите натпреварувања и ќе се обидеме на нашите навивачи да им приредиме што е можно повеќе убави моменти - посакува Рајковиќ.
Клубот сезонава е малерозен со повредите. Од поодамна во аут е Огнен Стојановски, но Фени купи играчи на плејмејкерската позиција. Неодамна на дуелот со Пелистер потешко се повреди Марјан Ѓуров за кого истотака сезоната е завршена. Ѓуров во понеделникот успешно е опериран и за него сега прво претстои фаза на мирување од 3-4 месеци па дури потоа ќе започне со процесот на рехабилитација.
- Марјан Ѓуров беше еден од нашите клучни играчи особено во одбраната и нормално е дека тој ќе ни недостига во продолжение од сезоната. Сите кошаркари се блиски меѓу себе и најнормално е повредата на Ѓуров и психички да влијае врз некои од нив, но знам дека исто така неговото отсуство ќе им даде и дополнителен мотив да одиграат и за него и за себе и за клубот. Некој ќе мора да го замени Ѓуров, а најверојатно тоа ќе бидат Лајф, Поповиќ или Брчков. Тоа значи дека овие тројца ќе добијат и поголема минутажа од досегашната. Тука ќе се вклучат и сите останати од екипата бидејќи сме познати по тимскиот дух - вели Рајковиќ.
(Извор: www.dnevnik.com.mk)
|